Често поставувани прашања

Што е домен и што е хостинг?

Домен е името на интернет страницата и претставува низа од карактери за идентификација што опфаќа поле на административна автономија, авторитет или контрола на Интернет, базирано на системот за именување на домени.

Хостинг е место на сервер каде што е поставена интернет страницата. Тој сервер нуди повеќе функционалности и е постојано прикачен на интернет, со што интернет страницата е 24ч онлајн.

МАРнет не нуди хостирање на домени, туку само регистрација на имиња на национални домени.

Каде да проверам дали доменот којшто сакам да го регистрирам е слободен?

Во регистарот на МАРнет со впишување на името на доменот ќе го видите досието за истиот, или ќе добиете порака дека доменот којшто го барате не е регистриран, што значи дека е слободен за регистрација.

Кој може да регистрира .mk и .мкд домен?

Право на регистрација на .mk и .мкд домен имаат сите домашни и странски, физички и правни лица. Нов домен се регистрира со посредство на регистрар за .mk и .мкд домени.

Кој може да регистрира .com.mk, net.mk и inf.mk домен?

Право да регистрираат таков домен имаат трговски друштва, физички лица регистрирани за самостојно вршење дејност, лица со јавни овластувања, комори, задруги, финансиски организации, правни лица и физички лица регистрирани за вршење на стопанска дејност.

Кој може да регистрира .gov.mk домен?

Право да регистрираат gov.mk домен имаат органите на државната управа на Република Македонија, установи и други организаци утврдени со Уставот на Република Македонија и закон, како и јавни претпријатија и единици на локалната самоуправа и градот Скопје. Регистрацијата на .gov.mk се врши во МАРнет.

Кој може да регистрира .edu.mk домен?

Право да регистрираат edu.mk домен имаат образовни и научноистражувачки установи, странски образовни организаци кои имаат дозвола за вршење образовна и научноистражувачка дејност и сл.

Кој може да регистрира .org.mk домен?

Право да регистрираат org.mk имаат непрофитни организации, здруженија на граѓани и фондации, политички партии, синдикати, јавни здравствени установи, фондови и друго, странски амбасади, непрофитни странски организаци на кои со меѓународен договор или согласно со закон им е допуштено да вршат непрофитна дејност.

На колкав период можам да го регистрирам/продолжам доменот и каде треба да уплатам?

Период на валидност на еден домен е од една до максимално десет години. Доменот се плаќа на годишно ниво, а фактурирањето го вршат регистрарите.

Само за домените за кои МАРнет е регистрар, се фактурира и се уплаќа на сметка на МАРнет.

Што е административен и технички контакт?

Административен контакт е лице кое е задолжено да ги обавува административните обврски за доменот, како што се навремено известување за промени на податоците за регистрантот, овластените лица и за домен, фактурирање и сл.

Технички контакт е лице кое се грижи за непречено функционирање на доменот, за неговата коректна поставеност на сервер и останати функционалности од техничка природа.

Што се именски опслужувачи?

Имиња на именски сервери на кои е поставен доменот. Имињата на именските опслужувачи ги обезбедува хостинг компанијата, каде што е хостиран доменот. За коректна поставеност на доменот, потребни се најмалку два именски опслужувачи.

Каде можам да ги проверам моменталните податоци за мојот домен?

На следниот линк whois.marnet.mk, со впишување на името на доменот, ќе Ви биде прикажано целото досие за бараниот домен. Доколку некои од податоците, не се повеќе валидни, потребно е да ги ажурирате.

Како можам да направам промени за доменот?

За било какви промени за доменот, потребно е да го контактирате Вашиот избран регистрар. Промените можете да ги направите по писмен или електронски пат, во зависност од можностите кои Ви ги нуди регистрарот. Регистрарот е должен да ги овозможи сите операции со домен, кон регистрантот.

Како да го избришам регистрираниот домен?

Домен може да се избрише со поднесување на формуларот за регистрација на домен, во оригинал, каде е избрана опцијата за бришење на доменот.

Дали е дозволено да се регистрира домен со една буква, или бројка?

Називот на .mk доменот се состои од најмалку 1 до најмногу 63 знаци, првиот и последниот знак не може да биде знакот „-“(тире).
Називот на .мкд доменот се состои од најмалку 3 до најмногу 30 знаци, првиот и последниот знак не може да биде знакот „-“(тире);

Не најдовте одговор на вашето прашање?

За повеќе информации контактирајте не преку нашата е-маил адреса или преку телефонскиот број на МАРнет.

ИСПРАТИ